ТУМОР МАРКЕРИ


 ТУМОР МАРКЕРИ



Туморските маркери се специфични биомолекули кои ги создава организмот како метаболички или имунолошки одговор на здравите клетки во присуство на малигни клетки или ги продуцираат самите малигните клетки.

Туморските маркери можат да бидат: ензими, специфични протеини, различни антигени, хормони, специфични рецептори и др. Повеќето туморски маркери немаат доволна специфичност и сензитивност за да користат како скриниг тестови за откривање на малигните заболувања.

Одредувањето на концентарацијата на туморските маркери е за прецизно следење на успехот на примената терапија.

Денеска се откриени над 100 различни туморски маркери, но во лабораториската пракса засега се користат околу дваесетина. 

Туморските маркери обично се одредуваат преку крв, урина или ткивни примероци со користење на различни лабораториски методи.


CEA (Карциноембрионичен антиген)

Клиничко значење:

CEA спаѓа во општ тип на тумор маркер. Повеќекратно покачен CEA во крвта посочува на присуство на малигни заболувања во организмот, но не и локализација на малигниот процес. Зголемената вредност на CEA може да се најде кај 70% од случавите на малигни заболувања на дигестивниот тракт, карцином на белите дробови, карцином на дојка, карцином на јајници, колитис, полип на ректумот, инфекции на белите дробови.

CA 19-9

Клиничко значење:

Компонента на муцинозните клетки и нивните секреторни продукти. Примарен маркер за  дијагностицирање и следење на карцином на панкреас, колон, ректум, жолчно ќесе и метастази во црниот дроб.

CA 125

Клиничко значење:

Вредностите на CA 125 се користат за следење на карцином на епителните клетки на јајчниците, но не и за скрининг тест за откривање на истиот. Континуираното зголемување на вредноста на CA 125 е поврзана со малигнитет и со слаб одговор од примената терапија, додека намалувањето на вредноста укажуваат на поволен одговор од терапијата. Мало покачување на вредностите на CA 125 има кај воспалителни процеси на овариумите, трет триместар на бременоста, автоимуни заболувања, заболувања на црниот дроб (цироза, хепатитис).

CA 15-3

Клиничко значење:

Вредноста на CA 15-3 е во контролирање на болеста карцином на дојка, каде зголемувањето и намалувањето на вредноста е во корелација со прогресијата и регресијата на болеста. Покаченото ниво на CA 15-3 кај пациенти кои носат ризик од појава на рецидив по примарната терапија, можат да бидат индикатори на повторно појавување на болеста, дури и пред клинички да се докаже болеста. Мало покачување на вредностите на  CA 15-3 кај луѓе кои немаат малигни заболувања: цироза, хепатит, автоимуни болести и бенигни заболувања на јајчници и дојки.

Т PSA

Клиничко значење:

PSA (простата специфичен антиген) е примарен специфичен маркер за простата. Се испитува при воспалувања на простата, сомнение за карцином и воколку го има следење на текот на лекувањето на истиот.

CA 72-4

Клиничко значење:

Претставува гастроинтестинален маркер кој се одредува за дијагноза и следење на аденокарцином на жолчните патишта, желудникот и дебелото црево. Лесно покачување на вредности се среќаваат кај бенингни заболувања или воспалителни процеси.